Без активно жариште е пожарот во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, што избувна на 19 август, а процените се дека опожарената површина надминува 93.500 хектари, јави дописничката на МИА од Атина.
Доцна синоќа беа локализирани двете активни жаришта, додека пак во областа и понатаму интервенираат грчките и странските пожарникари за пожарот да биде целосно изгасен.
Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео вчера објавија анализа на сателитски податоци од Службата за брзо мапирање Коперник на Европската комисија, според кои вкупната површина изгорена од шумскиот пожар, заклучно со саботата претпладне е над 93.500 хектари.
Од саботата попладне до вчера попладне, во Грција имало 49 нови пожари, а пожарникарите на целата територија интервенирале во гасење на 82 пожари.