Пред Специјалниот суд во Белград за денеска е закажано подготвително рочиште во постапката против организираната криминална група Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, кои се товарат за пет убиства, трговија со дрога, недозволено поседување и носење оружје, киднапирање и силување.
Овој дел од постапката е затворен за јавноста и обвинетите накратко ќе се изјаснат дали чувствуваат вина, односно дали ги признаваат или негираат делата за кои се товарат, а потоа обвинителството и одбраната ќе предложат свои докази, кои доколку судот ги прифати, ќе се презентираат за време на главниот претрес. По завршувањето на подготвителното рочиште, кое е планирано за четврток и петок, ќе биде закажан почетокот на доказната постапка, која ќе биде отворена за јавноста и обвинетите ќе можат детално да ги изнесат своите одбрани.
Освен Беливук и Миљковиќ, Обвинителството за организиран криминал ги товари Срѓан Лалиќ, Милош Будимир, Марко Будимир, Небојша Јанковиќ, Владо Драганиќ, Бојан Хрватин, Дејан Тесиќ, Никола Спасојевиќ, Немања Ѓуриќ, Немања Георгиќевиќ, Марко Будимир, Александар В. Милован Тадиќ, Филип Ивановски, Жељко Коџиќ, Слаѓана Секулиќ, Борис Карапанџиќ, Никола Стефановиќ, Владимир Грек, Александар Шчепановиќ, Алекса Сејиќ, Мијат Симеуновиќ, Милош Лукиќ Селак, Алекса Дуњиќ, Воислав Ѓорѓевиќ Алексамитријиќ и Владимир Алексамитшиќ.
Обвинението е напишано на 322 страници и ги опфаќа убиствата на Горан Величковиќ – Гокси, Лазар Вукичевиќ, Здравко Радојевиќ, Александар Глигоријевиќ Пуки и Милан Љепоја.
Беливук е обвинет за пет, а Марко Миљковиќ за четири тешки убиства, а обвинителот, меѓу другото, бара судот да ги осуди на доживотен затвор по завршувањето на судскиот процес.