Во пресрет на изборите следниот месец, портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, поради тоа што ќе биде кандидат за пратеник на Нова демократија, ја напушти досегашната позиција, а на негово место доаѓа државниот министер Акис Скерцос, јави дописничката на МИА од Атина.
Денешниот брифинг беше последен за Иконому, кој им се заблагодари на новинарите за соработката и изрази надеж дека успешно ја исполнил неговата обврска.
-Денеска за мене се затвора циклус од 615 дена со 160 брифинзи на новинарите во Атина и осум во Солун и стотици политички изјави, рече Иконому.
Промената на позицијата владин портпарол доаѓа поради изборниот закон што го ограничува присуството во медиумите на кандидатите за пратеници.
Како што утрово објави МИА, в сабота, се очекува официјално да започне предизборниот период во Грција со распуштање на Парламентот, а ден подоцна ќе се спроведуваат и ограничувањата што изборниот закон им ги наметнува на во однос на нивните настапи во медиумите.
Дополнително, во пресрет на изборите на 21 мај се очекува да биде сменет и министерот за внатрешни работи, надлежен за изборниот процес