петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

После 20 години стопанска делегација на САД во Белград на средба со Вучиќ

После 20 години стопанска делегација на САД во Белград на средба со Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска се сретна со стопанска делегација на Владата на Соединетите Американски Држави, при што со претставниците на некои од најголемите американски светски корпорации разговараше за натамошното зајакнување и развој на билатералната економска соработка, новите стратешки партнерства, како и потенцијалите за инвестиции во областа на енергетиката, ИЦТ и зелените технологии, јави допсиникот на МИА од Белград.

Вучиќ посочи дека оваа посета на американската деловна делегација е прва по 20 години и дека во таа смисла е од големо значење, не само од аспект на потенцијалот за соработка, туку и како показател за напредокот на Србија како стабилна економија.

-Србија во новите технологии навреме согледа можност за развој и затоа во изминатата деценија забрзано инвестиравме во инфраструктура, реформите и градење деловно опкружување, рече Вучиќ, додавајќи дека е особено благодарен на Давид де Фалк, заменик помошник секретар во американското Министерство за трговија за Европа и Евроазија, соопштија од кабинетот на српскиот претседател.

-Многу американски компании кои долго време успешно работат во Србија и вработуваат 30.000 наши луѓе се исклучителен показател за стабилноста на нашата економија и деловното опкружување, кое успеавме да го создадеме со сериозен и систематски пристап на сите нивоа, нагласи Вучиќ и додаде дека само во првите 8 месеци од годинава, вкупната трговска размена меѓу Србија и САД достигна 854,6 милиони американски долари, што претставува зголемување од дури 45,6 отсто во однос на истиот период во 2021 година. Овој тренд е проследен со раст на извозот од 28,2 отсто, што дава дополнителен оптимизам кога станува збор за зајакнување на економското партнерство со САД, додаде Вучиќ.

Тој нагласи дека стопанисувањето на светски познатите корпоративни имиња во Србија како CISCO, DELL, IBM, ORACLE, како и други компании со глобална репутација, претставува солидна и сериозна деловна препорака за Србија, а за успехот на досегашната соработка говори и фактот што во трговијата со услуги, САД се еден од најважните партнери на Србија, бидејќи од година во година се бележи постојан и силен раст во оваа област, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател.