На електронските адреси на пет училишта во Белград утринава пристигнале пријави за поставена бомба, a во едно училиште е потврдено дека се работи за лажна пријава, соопшти Министерството за образование, наука и технолошки развој.
Како што се наведува, пријави се добиени во Медицинското училиште во Звездара, 13-та белградска гимназија, гимназијата „Бараево“ и на адресите на двете основни училишта „Павле Поповиќ“ во Враниќ и „Бранислав Нушиќ“ во Вождовац дознава Данас.
Учениците од училиштето „Павле Поповиќ“ во Враниќ се вратени на настава, откако српското МВР утврдило дека се работи за лажна пријава.
Пријавата стигнала и во гимназијата „Патријарх Павле“, потврди за Данас директорот на тоа училиште Јасмин Николовски.
Тој вели дека на адресата на училиштето стигнал мејлот кој е истакнат на веб-страницата на гимназијата и дека веднаш потоа децата ги изнесле надвор и ги испратиле дома, а втората смена ќе оди на настава нормално.
Николовски вели дека во училиштето има полициски екипи и дека увидот е при крај. Од летово процедурата е променета, па сега е известена локалната полициска станица, чии членови вршат увид во училиштето.
Како што е објавено на социјалните мрежи, учениците и наставниците се евакуирани од училиштето и сите се пред училиштето.
Директорот на 13-та белградска гимназија Бојан Вучковиќ за Данас потврди дека дојавата за поставената бомба стигнала на училишниот мејл во 8:49 часот.
Вучковиќ вели дека училиштето веднаш било евакуирано и дека ја известил полицијата.
– Службеници од локалната полиција дојдоа и извршија увид во училиштето и утврдија дека пријавата е лажна. Учениците изгубија еден час и се вратија на час – вели Вучковиќ.