четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Пратениците ќе гласаат за именување на Мандиќ за претседател на црногорскиот Парламент

Пратениците ќе гласаат за именување на Мандиќ за претседател на црногорскиот Парламент

Пратениците во црногорскиот Парламент денеска ќе гласаат за Андрија Мандиќ да биде претседател на законодавниот дом. Тој е еден од лидерите на коалицијата За иднината на Црна Гора, која ја сочинуваат поранешните членови на Демократскиот фронт (ДФ).

Потоа се очекува веднаш да биде избрана нова влада.

Мандиќ е еден од лидерите на поранешниот Демократски фронт, кој се залагаше за повлекување на признавањето на независноста на Косово, за укинување на санкциите против Русија и се противеше на членството на Црна Гора во НАТО. Тој е близок со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој се гони за обид за тероризам на денот на парламентарните избори во 2016 година.

Поранешните членови на Демократскиот фронт (ДФ) ќе бидат дел од новата црногорска влада на Милојко Спајиќ и покрај противењето на САД и Европска Унија.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ посочи дека изборот на Мандиќ ќе значи дека Црна Гора станува „земја во сферата на влијание на политиката на Кремљ и Белград“.

Според црногорскиот Устав, претседателот на Парламентот е член и на Советот за одбрана и безбедност, орган кој е одговорен за прашања од безбедноста и командува со Армијата.

Столбот на владата ќе биде Движењето Европа сега, а во него ќе бидат вклучени и Демократска Црна Гора на Алексе Бечиќ, Социјалистичката народна партија (СНП) на Владимир Јоковиќ и две коалиции на албанското малцинство, Албанскиот форум и Албанската алијанса. (МИА)