четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Пред владата во Тирана одржан мирен протест против зголемување на цените

Пред владата во Тирана одржан мирен протест против зголемување на цените

Повеќе стотици граѓани доцна попладнево се собраа пред Владата во Тирана за да протестираат во знак на незадоволство од зголемувањето на цените на основните производи како што се лебот, други прехранбени артикли, нафтата и гасот.

Граѓанскиот активист Адријатик Лапај за медиумите рече дека „не може да има молк пред неправдата и оти секој мора да протестира за своите права“.

–Мислам дека има потреба сите да се солидаризираат и сите да не замижуваат пред фактот да им се земе лебот од уста. Зголемувањето на цените директно води кон зголемување на проблемите на граѓаните. Следниот протест пред владата ќе го одржиме в понеделник во 17 часот, кога очекуваме поголема масовност, рече Лапај.

На протестот, кој траеше еден час, најчесто можеше да се видат транспаренти на кои пишуваше „Глад без ДДВ“ „Светлина без свеќа“ „Гориво без луксуз“.

Присутни беа и познати имиња од екраните, меѓу кои и комичарот Флор Бинај. Тој рече дека секој треба да го подигне гласот, бидејќи зголемувањето на цените влијае на сите.

Протестот беше претходно најавен на социјалните мрежи од граѓани и граѓански активисти.

Во врска со протестот, имаше реакција од Американската амбасада која ги повика своите граѓани да го избегнуваат движењето во тој дел на градот, наведувајќи дека организатор е опозициската Демократска партија, но подоцна ја смени објавата.