петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Прелиминарна истрага на грчкото Обвинителство за нацистичкиот поздрав во судот од адвокат на Златна зора

Прелиминарна истрага на грчкото Обвинителство за нацистичкиот поздрав во судот од адвокат на Златна зора

Согласно одредбите на антирасистичкиот закон, Обвинителството во Атина ќе спроведе прелиминарна истрага за нацистичкиот поздрав на еден од адвокатите на Златна зора за време на рочиштето во петокот, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Истрагата се однесува на Константинос Плеврис, кој е адвокат на европратеникот и осуден член на Златна зора Јанис Лагос, а нацистичкиот поздрав, регистриран и од присутните фотографи, предизвика низа реакции во судницата.

Според медиумите во Грција, во рамките на истрагата ќе бидат повикани да дадат исказ адвокатите присутни во судницата, со цел да се разјасни и истражи што точно се случило.

Адвокатот Константинос Плеврис е татко на актуелниот министер за здравство на Грција Танос Плеврис, кој завчера, во интервју за грчка телевизија, рече дека станува збор за брутална постапка, која лично него го згрозила поради две причини: затоа што нацистичкиот поздрав беше во судница и затоа што беше пред „мајката чиј син беше убиен од на нацист“.