Премиерот на Шпанија Педро Санчез денеска доаѓа во дводневна посета на Србија, во рамки на турнејата во која ќе посети уште четири земји од Западен Балкан, пренесе Бета.
Санчез денеска во Белград ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по што ќе се одржи пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Шпанскиот премиер до 1 август ќе ги посети и Сараево, Мостар, Подгорица, Скопје и Тирана.
Шпанија е една од петте членки на Европската унија кои не ја признаа независноста на Косово, единствената економија меѓу шесте од Западен Балкан што Санчез нема да ја посети за време на турнејата.
Санчез е во посета на регионот со цел „реактивирање, заживување и ревитализација на процесот на проширување“ на ЕУ кон Западен Балкан, јавуваат шпанските медиуми.
На состанокот на лидерите на ЕУ на крајот на јуни во Брисел, Санчез се залагаше за заживување на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан. зш/