Поминаа 50 дена откако во Белград исчезна младиот Матеј Периш (27) од Сплит, а неговиот татко Ненад не се откажува од потрагата по синот и тврди дека „ќе биде големо изненадување доколку го најде жив“.
Матеј исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември минатата година во Белград и досега српската, но и хрватската полиција упорно трага по него и ги проверува сите наоди и објави кои може да доведат до било какво сознание каде е младото момче.
– Во вторникот добив порака од непознат број. Таму пишуваше само адреса, а испраќачот ми пиша дека ако отидам таму ќе најдам жив синот бидејќи тој го гледал. Градот не го пишуваше во пораката, па морав да се јавам во хрватската полиција. На една адреса била белградската полиција и се работи за станбено деловен објект. Сепак, таму не беше Матеј. Сакам да ѝ се заблагодарам на српската полиција за професионалната работа која ми влева доверба дека ќе го најде мојот син – изјави за „Телеграф.рс“ Ненад Периш, таткото на исчезнатиот Матеј.
Периш постариот се’ уште е во Белград. Сопругата и двете ќерки не ги видел речиси два месеци. Како што тврди, додека е во Србија се надева дека ќе го најде синот.
– Во контакт сум со полицијата. Се’ што дознавам им пренесувам на инспекторите, од информации до снимки. Можам да ви кажам дека поминаа 50 дена и ќе биде големо изненадување ако го најдам жив. Само ќе го гушнам и ќе го однесам дома – вели Периш.
Младиот Сплитќанец исчезна на последниот ден од минатата година, кога со маичка по кратки ракави излезе од белградскиот клуб „Готик“. Три пати се обидел да го запре такси возило. Последен пат е снимен во близина на Сава. Сигналот на неговиот мобилен телефон бил пресретнат два и пол часа подоцна во близина на Големиот воен остров.
Нуркачи пребаруваа по коритото на реката како и околу островот но не најдоа никакви траги од момчето чие исчезнување во Белград го потресе целиот регион.