Главниот експерт во бугарското Министерство за надворешни работи Жељазко Радуков денеска изјави дека Бугарија е импресионирана од креативноста на албанскиот премиер Еди Рама за изнаоѓање на оправдувања, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Радуков, изјавите нема да влијаат на долгорочните интереси што Бугарија ги има со своите партнери – албанскиот народ и албанската држава, како и топлите чувства што ги има кон нејзините пријатели Албанци.
Сето ова е минливо и можеме да го оставиме зад нас, истакна Радуков за тврдењата на Рама дека Бугарија го одложила приемот на Албанија во ЕУ за осум години.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера реагираше на изјавата на Рама, а подоцна беше остварена средба и со амбасадорката на Албанија во Софија, Доника Хоџа. (МИА)