Албанското владејачко мнозинството не се повлекува од измените и дополнувањата на Изборниот законик, кој не е потпишан од претседателот Илир Мета и е вратен на повторно разгледување.
Премиерот Еди Рама денеска изјави дека Изборниот законик, без никакви измени ќе биде изгласан на следната седница на Парламентот, додавајќи дека „никој не може да ја доведе во прашање волјата на Парламентот, најмалку Мета“.
– Ние ќе го изгласаме што е можно побрзо, на првата пленарна седница без никаква измена, на ниту една точка или запирка. Без никаква измена ние ќе гласаме за кодексот, кој беше изгласан од Парламентот со мнозинство Тоа е значајно и никој не може да ја доведе во прашање волјата на Парламентот, најмалку Илир Мета, рече Рама.
Изборниот законик, кој беше донесен со консензус на сите политички партии на 5 јуни, со посредство на меѓународните претставници по предлог на владејачкото мнозинство со одредени измени и дополнувања беше изгласан на 5 октомври, за што гласаа и дел од опозициските пратеници.
Тоа беше придружено со несогласувања и обвинувања меѓу мнозинството и опозицијата, но и меѓу претседателот Мета и премиерот Еди Рама.
Мета во четвртокот ја потпиша уредбата со која на повторно разгледување во Парламентот го враќа изборниот законик, усвоен со измени без постигнат консензус од сите страни.
Во ситуација кога во земјата веќе три години не функционира Уставниот суд, Мета упати итно барање до Венецијанска комисија за специјализирано и објективно мислење за овој процес.
Во обрзоложението, меѓу другото наведе дека направените измени на изборните правила ги кршат меѓународните демократски принципи на спроведување на изборен процес преку слободни и фер избори, дека се направени еднострано, без сеопфатен консензус и се спротивни на условите поставени од Европскиот совет на 25 март 2020 година и исполнувањето на 15-те услови пред првата меѓувладина конференција.
Тој наведе дека едностраните измени ги загрозуваат условите утврдени од Европската унија, кои ќе бидат проследени со друга негативна одлука за Албанија, директно загрозувајќи го напредокот на процесот на евроинтеграција на земјата.