Пред 28 години, на 11 јули 1995 година, единиците на Армијата на Република Српска предводени од генералот Ратко Младиќ заедно со паравоената формација „Скорпиони“ извршија геноцид врз бошњачкото население во регионот на Сребреница, кој беше зона под заштита на Обединетите Нации.
Според досега познатите податоци, силите предводени од Ратко Младиќ убиле околу 8.000 луѓе, главно мажи и момчиња од исламска вероисповед, а се проценува дека возраста на жртвите била од 12 до 77 години.
Геноцидот врз Бошњаците во Сребреница е потврден со бројни судски пресуди, од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, преку Хашкиот трибунал, до судовите во Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.
Младиќ беше осуден на доживотен затвор пред меѓународниот кривичен суд во Хаг, како и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ. Уште тројца високи офицери на ВРС беа осудени на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница.
За геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година, Хашкиот трибунал и судовите во БиХ, Србија и Хрватска досега осудија 47 лица на повеќе од 700 години затвор.
Во 2009 година, Европскиот парламент ја донесе Резолуцијата за Сребреница, со која се повикуваат земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан да го одбележат 11 јули како ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Декларацијата за осуда на злосторствата во Сребреница хрватскиот Парламент ја усвои истата година, а Собранието на Северна Македонија и српскиот Парламент го сторија тоа во 2010 година.
Парламентите на Црна Гора и Косово, пак, ја усвоија Резолуцијата за осуда на геноцидот на Сребреница во 2021 година.
Високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит вчера во Поточари изјави дека ќе почне да работи на изнаоѓање законски решенија за да бидат кривично гонети сите кои го негираат геноцидот во Сребреница.
„Тоа што се случи овде е страшно. Денеска и утре ќе почнам да работам на тоа да бидат преземени правни дејствија против сите оние кои го негираа геноцидот и продолжуваат да го прават тоа и да бидат кривично гонети“, рече Шмит.