Руското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со резолуцијата против извештајот на Дик Мартин што албанскиот Парламент ја усвои на 21 минатиот месец.
Министерството преку објава на Твитер соопшти дека не го менува односот кон покренатите обвиненија и дека лицата вмешани во трговија со органи мора да бидат најстрого казнети.
-Албанскиот Парламент одобри резолуција која се спротивставува на обвинувањата за трговија со органи во Косово и Албанија. Остануваме цврсто на нашиот став дека лицата вклучени во овие злосторства мора да се соочат со остра и правична казна, стои во објавата, јави Ора њуз.
Според телевизијата извештајот од 2010 година, подготвен од тогашниот швајцарски сенатор, Дик Марти, а одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, тврди дека водачите на Ослободителната војска на Косово биле вклучени во трговија со органи во периодот 1998-1999 година.
На седницата на 21 јули, албанскиот законодавен дом, со 125 гласови „за“ ја усвои резолуцијата „За неоснованоста на тврдењата за нелегална трговија со човечки органи во Косово и Албанија“.
-Го повикуваме Парламентарното собрание на Советот на Европа да подготви последователен извештај, а со тоа и преразгледување на Резолуцијата 1782 (2011), со која се преоценуваат тврдењата за нелегална трговија со човечки органи во Албанија и/или Косово, во светлината на случувањата што се случија во текот на оваа деценија, фактите, доказите и ажурираните информации, како и од аспект на посветеноста, подготвеноста и целосната соработка на Албанија и Косово во служба на вистината и воспоставувањето на правдата, стои меѓу другото во резолуцијата.
Исто така, Парламентот бара од албанската Влада да остане целосно посветена на „помагање на правдата и утврдување на одговорноста за сите злосторства извршени во поранешна Југославија“.
Под обвинеие за воени злосторства во Хаг се дел од највисокото раководство на ОВК, меѓу кои и поранешниот косовски претседател и експремиер Хашим Тачи.
Инаку, албанскиот Парламент резолуцијата ја донесе месец по одржувањето на осмата заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, кога во Приштина албанскиот премиер Еди Рама, најави дека „Тирана ќе започне кампања, која ќе ги вклучи Вашингтон, Париз, Берлин и други центри во светот, за да документира дека Ослободителната војска на Косово не била вклучена во трговија со органи“.