Опозициското Движење Самоопределување (ВВ) најави дека е можно „да организира масовни протести“, со цел да го спречи косовскиот претседател Хашим Тачи „да ја реализира намерата за размена на територии со Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Најавувајќи дека ќе се преземат сите активности „за спречување на Тачи во намерата да му наштети уште повеќе на Косово“, пратеничката на ВВ Арберие Нагавции на денешната прес-конференција истакна дека за да се излезе од ситуацијата во која се наоѓа земјата, треба да се оди на вонредни избори.
-Претседателот Тачи ќе го спречиме на различни начини да не и наштети уште повеќе на земјата. Протестите не се исклучени, рече Нагавци.
Друга пратеничка на опозициската ВВ, Албулена Хаџиу пак оцени дека нацрт-статутот за формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население, кој работната група за негово изготвување вчера го испрати во Брисел, е противуставен.
-Тачи нема кредибилитет ниту од Собранието, ниту од граѓаните на Косово за да оди во Брисел и да преговара за ова прашање со (српскиот претседател, Александар) Вучиќ, изјави Хаџиу.
Косовскиот претседател Хашим Тчи во последно време се позачестено, на речиси секојдневни прес-конференции, ја промовира идејата за, како што тој го нарекува „корекција на границата со Србија“.
Ова, според Тачи, би значело Прешевската Долина да се припои кон Косово, но на Србија да не и се отстапи косовска територија.