Пилотот го загуби животот, додека пак копилотот успеа да го преживее падот на авионот за обука на грчкото воено воздухопловство за време на специјална вежба помеѓу грчките градови Триполи и Спарта на полуостровот Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопшти военото воздухопловство на Грција, во 8 часот и 50 минути утрово, пилотот и копилотот го напуштиле авионот. Копилотот употребил падобран и преживеал, додека пак пилотот Николаос Василиу бил пронајден мртов во делот каде што паднал авионот.
И двајцата пилоти биле со големо искуство со околу 2500 часови лет.
Причините за несреќата за сега се непознати, а Генералштабот на военото воздухопловство на Грција назначи експертска комисија за да се истражат околностите под кои урна авионот.