Попусти за одредени категории и попусти во конкретни денови од седмицата, меѓу другото, воведуваат дел од бродските компании во Грција, по средбата што ја имаа со владини претставници поради високите цени на билетите за траекти, јави дописничката на МИА од Атина.
Намалените цени и попустите се во зависност од политиката што ја следи секоја од компаниите и се однесуваат или на одредени линии или на одредени категории.
Па така, дел од компаниите нудат попуст од 20 до 30 отсто за повеќечлени семејства или групи од три до пет лица со автомобил, други пак воведуваат ден од седмицата, кога билетите се поевтини, но само за одредени острови.
Во изминатиот период високите цени на траектите, драстично зголемени во споредба со лани, беа една од главните теми во Грција, па затоа на почетокот на неделава беше одржан и затворен состанок во премиерската палата.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека на одржаниот состанок имало конкретни разговори кои резултирале компаниите постепено да соопштуваат попусти и истакна дека се стремат кон она што е најдобро за грчките граѓани.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали попустите се однесуваат само на грчките граѓани или ќе ги опфатат и туристите, Маринакис рече дека конкретните иницијативи ги соопштуваат самите компании, а Владата ги следи најавите.