Високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит денеска рече дека е одлучен да придонесе за промена на сегашната ситуација во БиХ и дека има силна поддршка од целата меѓународна заедница.
Еден ден по преземањето на функцијата, германскиот политичар ја одржа својата прва официјална средба со членовите на Претседателството на БиХ во Сараево, но присуствуваа само претседателот Жељко Комшиќ и бошњачкиот член Шефик Џаферовиќ.
Српскиот член Милорад Додик не дојде, а претходно најави дека воопшто нема намера да се сретне со Шмит, бидејќи смета дека не е легално назначен на функцијата висок претставник оти не бил потврден од Советот за безбедност на ОН.
Додик и другите српски функционери одлучија да ја замрзнат својата работа во централната влада на БиХ додека не се повлече законот што го наметна поранешниот висок претставник Валентин Инцко со кој го санкционираше негирањето на воените злосторства.
По состанокот, Шмит рече дека ја презел функцијата со силна волја да им помогне на граѓаните на БиХ и да го искористи целото свое искуство и силата на меѓународната заедница.
– Јас сметам на политичката поддршка на Советот за имплементација на мирот, кој ме назначи врз основа на одредбите од Дејтонскиот договор, како и на тесна соработка со Европската унија, а особено со САД, рече Шмит.
Тој најави дека ќе се води според одредбите на Дејтон и уставот на БиХ и смета на целосна соработка со властите во земјата.
Шмит истакна дека интегритетот на БиХ како суверена држава со два ентитета мора да се заштити и најави дека со помош на меѓународната заедница, БиХ ќе се врати на агендата на заедницата.
Тој рече дека жали што Додик не дошол на состанокот, но бил убеден дека ќе има можност да се сретне со него, бидејќи тоа било во интерес на сите граѓани на БиХ.
– Не сум тука само да гледам и да чекам, туку да бидам активен и да бидете уверени дека тоа ќе бидам, рече германскиот политичар.
Шефик Џаферовиќ, пак, рече дека очекуваат Шмит да биде одлучен во спроведувањето на мандатот што му е доверен.
Тој додаде дека најважно е да се работи на продолжување на спроведувањето на реформите, особено 14 -те приоритети дефинирани од Европската комисија, како и оние што треба да обезбедат членство на земјата во НАТО.
– Затоа, властите мора да функционираат. Никој нема право да ги блокира, рече Џаферовиќ, истакнувајќи дека ова е обврска што произлегува од одредбите на Дејтонскиот договор.
Тој додаде дека Додик направил голема грешка што не дошол на средбата со Шмит бидејќи со тоа, како и со блокадите, „никој нема да добие ништо“.