Во пресрет на расправата во грчкиот Парламент и утрешното гласање на новиот закон од Министерството за образование, со кој не се согласуваат, синдикатите на просветните работници во Грција од утрово започнаа 24-часовен штрајк, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако вчера имаше најави дека училиштата во земјата ќе бидат затворени, сепак од Министерството за образование на Грција објаснија дека наставата ќе се одвива нормално.
Просветните работници во Грција бараат законот да не биде изгласан, да се поништи и амандманот за пренесување во живо на часовите, со помош на камери во училниците, бараат дополнителни средства за образованието од државниот буџет, но и да се преземат сите неопходни здравствени мерки за безбедно работење на училиштата.
За денеска и утре закажаа протести во центарот на Атина, како и во неколку други грчки градови.