Грчките левичарски партии СИРИЗА и МЕРА 25 се големите губитници на вчерашните избори, со намален број гласови во споредба со последните избори пред четири години, додека пак останатите партии Нова демократија, ПАСОК- Движење на промена, Комунистичката партија и Грчко решение се со зголемена поддршка од граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се направи анализа на официјалните резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција и се споредат со оние од парламентарните избори во 2019 година, СИРИЗА изгубила 598.503 гласа, а Нова демократија добила 152.300 повеќе.
Поконкретно, со пребројани 99,7 отсто од гласовите, Нова демократија вчера победи со 40,79 проценти и 2,4 милиони гласови, односно 0,94 отсто повеќе од пред четири години.
СИРИЗА од друга страна во 2019 година освои 31,53 проценти и 1.781.057 гласови, додека пак вчера доби 20,07 проценти од гласовите, односно загуби 11,46 отсто што се 598.503 гласови.
Во загуба е и партијата МЕРА25 на Јанис Варуфакис, поранешниот министер за финансии од Владата на СИРИЗА, која не го достигна изборниот праг од три отсто за влез во Парламентот, губејќи 0,83 проценти од гласовите пред четири години.
Останатите партии кои обезбедија влез во Парламентот добија повеќе гласови за разлика од 2019 година: ПАСОК- Движење на промена е за 3,36 отсто засилена, Комунистичката партија за 1,92, а Грчко решение за 0,75 проценти. (МИА)