понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Ситуацијата на Блискиот Исток, грчката економија и Грците од дијаспората во фокусот на средбата Мицотакис – Каселакис

Ситуацијата на Блискиот Исток, грчката економија и Грците од дијаспората во фокусот на средбата Мицотакис – Каселакис

За позициите на Грција во случувањата на Блискиот Исток, за разговорите во Европскиот совет, за текот на грчката економија и перспективите по надградувањето на кредитниот рејтинг на земјата, како и за реформските владини иницијативи, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што соопштија од неговиот кабинет, го информирал лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис денеска се сретна во грчкиот Парламент со новиот претседател на опозициската партија, што воедно беше нивна прва средба по изборите во СИРИЗА.

Од кабинетот на Мицотакис соопштија дека грчкиот премиер му рекол на Каселакис дека секогаш му стои на располагање, како и на другите политички лидери, за да ги информира.

На почетокот од средбата, во дијалогот пред камерите, Мицотакис и Каселакис говореа за Грците кои живеат во странство со оглед на тоа дека лидерот на СИРИЗА, пред да биде избран за претседател на опозициската партија, живееше во САД.

Каселакис истакна дека имаат одговорност да ги вратат иселениците во земјата и „тоа е национална одговорност, национална заложба“, бидејќи можат да дадат свој придонес, на што Мицотакис одговори дека веќе е направен чекор со законот што им дава право на Грците од дијаспората да гласаат на изборите од нивното постојано место на живеење.

Лидерот на СИРИЗА посочи дека тоа е право на глас, а не право да бидат избрани во одредени периферии, за што грчкиот премиер рече дека изборниот законик е дефиниран и секој грчки граѓанин има право да биде избран.  (МИА)