Српскиот амбасадор во Каиро, Југослав Вукадиновиќ е фатен на белградскиот аеродром со големо количество пари кои се обидел да ги пренесе преку граница, дознава „Блиц“.
Имено, според сознанијата на весникот, Вукадиновиќ пред некое време со сопругата слетал од Каиро на аеродромот во Белград и се обидел во земјата да внесе 84.000 евра во кеш кои претходно не ги пријавил пред надлежните.
Српскиот амбасадор во Египет неколку дена пред тоа е отповикан од амбасадорската позиција. Слетал во Белград со сопругата, носејќи 12 куфери во кои биле распоредени 80.000 евра и уште 4.500 евра имале во паричниците, пишува весникот.
Според српските прописи во земјата едно лице може да внесе неограничено количество пари, но секоја сума над 10.000 евра мора да ја пријави. Брачната двојка Вукадиновиќ имале многу поголема сума, и не ја пријавиле.
-Кога го фатија, рече дека се работи за дипломатска пратка. Меѓутоа секоја дипломатска пратка е проследена со курирско писмо, а тој немаше, па цариниците го фатија во лага. Тој го смени исказот и рече дека тоа му е лична заштеда, вели извор за весникот.
Поради овие факти, неговите пари се запленети, а амбасадорот е пуштен, но дури денеска за скандалот дозна српската јавност, со напомена дека против него во Каиро се води постапка пред надлежните органи.