Словенечката влада нуди вкупно пет милиони евра субвенции за комерцијалните авиокомпании, кои ќе бидат подготвени да обезбедат најмалку две линии неделно следната сезона за поврзување на Љубљана со другите големи европски аеродроми.
Заинтересираните авиопревозници мораат да се пријават на јавен повик, објавен вчера во Службен весник на Словенија, преку кој владата со финансиски стимуланси овозможува за следната сезона подобрување на воздухопловните врски на Словенија со дестинациите во ЕУ и трети одредишта надвор од Унијата.
Тие, исто така, се обидуваат да ги зачуваат редовните линии што сè уште се одржуваат или да ги обноват оние линии што ги откажаа авиокомпаниите поради последиците од Ковид-19, пренесува Хина.
Оние кои имаат линии со Словенија или имаат намера да отворат нови линии со словенечки аеродром имаат три рокови за аплицирање, во рамките на кои ќе им бидат доделени вкупно пет милиони евра: 1,5 милиони во првиот период, 2,3 милиони во вториот и 1,2 милиони евра во третиот рок, според хронолошкиот тек на летовите во текот на сезоната следната година. Оние што ќе се пријават за третиот рок, мора на пример, од 31 октомври до 31 декември следната година да имаат најмалку две редовни линии од една од поставените дестинации со Љубљана.