среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Словенија воведува полициски контроли на границата со Хрватска

Словенија воведува полициски контроли на границата со Хрватска

Словенија одлучи да воведе полициски пунктови на својата територија во непосредна близина на граничните премини, па и на границата со Хрватска. Шенгенскиот режим останува на сила и преку некогашните гранични премини ќе може да се минува без каква било контрола, но на територијата на Словенија ќе има полициски пунктови на кои полицијата ќе сопира и ќе проверува одделни возила.

На таа најава денес реагираше претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ Њоњо, кој смета дека „тоа не е знак на недоверба, туку одговор на феноменот кој се случува и кој ја загрозува Европа“.

Тој кажа дека хрватската страна ќе разговара со словенечките „колеги и пријатели“ со кои води „многу отворен дијалог“. „Имаме заеднички проблем кој мораме заеднички да го решаваме. Хрватска има над шест илјади полицајци на границите, ќе видиме дали треба да го зајакнеме надзорот на границите“, додаде тој.

По влегувањето на Хрватска во Шенген зоната на почетокот на годината, бројот на мигранти кои по балканската рута нелегално влегуваат во Словенија значително пораснал. Словенечката полиција од почетокот на годината до крајот на август обработила 36.137 нелегални преминувања на државната граница меѓу Словенија и Хрватска. Во истиот период минатата година обработени биле 13.601 неовластен влез.

Европската агенција за заштита на границите Фронтекс најави пред неколку дена дека поради зголемувањето на бројот на мигрантите кои пристигнуваат на островот Лампедуза, ќе ѝ пружи поддршка на Италија. Помошта значи дека ќе им овозможат на италијанските власти што подобро да го следат тоа што се случува на море и ќе им помагаат во операциите на потрага и спасување на мигрантите.