среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Со обраќање на Ципрас ќе се одбележи излезот на Грција од програмата за финансиска помош

Со обраќање на Ципрас ќе се одбележи излезот на Грција од програмата за финансиска помош

Со обраќање до јавноста, грчкиот премиер, утре, ќе го означи крајот на меморандумската политика.  Утрешниот ден е симболичен за Грција, бидејќи по три години, завршува програмата за финансиска поддршка, што според грчката влада значи и крај на 8-годишната економска криза.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, излезот на Грција од меморандумите кои освен финансиска помош донесоа и низа антикризни мерки, првично беше планиран да се одбележи со свеченост, но поради катастрофалните пожари во кои животот го загубија над 95 лица, Алексис Ципрас веројатно ќе одржи само обраќање до јавноста. Останува енигма дали обраќањето ќе биде од премиерската палата или од некоја друга локација.

Грчкиот остров Кастелоризо од каде што Јоргос Папандреу во април 2010 како премиер во обраќање до Грците соопшти дека земјата и официјално бара помош од ЕУ со што и започна меморандумската политика и брдото Пникас во близина на Акропол, се споменуваа како можни локации од кои Ципрас би и се обратил на јавноста, но по пожарите, веројатно е дека грчката влада ќе одбере друга опција.

Според грчките медиуми, не е исклучена можноста по излезот од меморандумската политика, Алексис Ципрас, во следните денови да направи реконструкција на владата.

(Миа)