Собранието на Косово ја закажа за утре во 11 часот вонредната седница на која ќе се гласа за предлогот на Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за составот на новата косовска Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста во изјава за медиумите ја потврди шефот на пратеничката група на ЛДК, Арбен Гаши, кој информира дека одлуката е донесена на денешната седница на претседателството на Собранието.
– По добивањето на пресудата (од Уставниот суд), од името на Демократскиот сојуз го поднесов барањето за седница за в среда во 11 часот, со единствена точка на дневниот ред, гласање за новата Влада, изјави Гаши.
Тој потврди дека е обезбедено потребното мнозинство од 61 глас во Собранието за изгласување на кабинетот на Хоти, но не кажа дали сите пратеници од редовите на неговата партија ќе гласаат „за“. Собраниската спикерка Вјоса Османи, која е и потпретседателка на ЛДК, неколкупати досега јавно се изјасни против смената на досегашната влада предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти.
Одлуката на претседателството на Собранието за свикување на седницата уследи по вчерашното објавување на целосната пресуда на Уставниот суд на Косово, со која се оцени како уставно доделувањето на мандатот на кандидатот за премиер од редовите на второрагнираната партија од последните избори, ЛДК, од страна на претседателот на државата, Хашим Тачи.
По изгласувањето недоверба на кабинетот на Курти на 25 март, ЛДК договори коалиција со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај и со партиите на српската и другите немнозински етнички заедници.
Иако не одговори на неколкуте повици на Тачи да именува кандидат за формирање нова влада, ВВ го оспори пред Уставен неговото право да го додели мандатот на друга, освен на партијата победничка на изборите и тврдеше дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на Ковид-19.
Минатиот четврток, на 28 мај, Уставниот суд го отфрли барањето на ВВ, а вчера ја објави и целосната пресуда со која му се овозможи на Хоти да ја формира новата влада.