Советот на Општина Јужна Митровица денеска едногласно усвои Декларација со која ја поддржа иницијативата на градоначалникот Агим Бахтири за обединување на северниот – претежно населен со Срби и на јужниот дел на градот, каде мнозинството од жителите се Албанци.
Усвоената Декларација за обединување во следните денови ќе биде испратена до косовската Влада, која би требало да се произнесе по иницијативата за обединување на двата дела на Митровица.
Со Декларацијата се бара укинување на одлуката за поделба на Митровица на две општини и за создавање единствена единица на локалната самоуправа.
Иницијативата на Бахтири, кој има амбиции да биде градоначалник на „обединетата“ Општина Митровица, следуваше откако градоначалниците на четирите општини во северно Косово, во кои мнозинството жители се Срби, меѓу кои и на Северна Митровица, поднесоа оставки на функциите. Тие како причина за своите оставки го наведоа „кршењето на човековите и економските права на Србите“ со воведувањето на таксите од 100 отсто за увоз производи од Србија.