На Србија во моментот не и е потребна задолжителна вакцинација, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ, коментирајќи го ставот на Европскиот суд за човекови права дека задолжителната вакцинација е „неопходна во демократско општество“.
“Засега има голем интерес и нема причина да размислуваме за воведување задолжителна вакцинација. Имаме луѓе кои самите аплицираат за вакцинација”, рече Брнабиќ, зборувајќи во контекст на вакцинирањето на населението од коронавирус, иако одлуката на Европскиот суд се однесуваше на заразни болести.
Брнабиќ посочи дека „Србија се фокусира на своите граѓани“, но дека одлучила да донира уште 10.000 дози вакцини на Сараево, со цел да им помогне на пријателите и соседите во борбата против епидемијата.
Претходно денес, државниот секретар на Министерството за здравство Мирсад Џерлек за Радио Телевизија Србија изјави дека вчера, откако вакцината им била дадена на граѓаните кои не се пријавиле преку електронскиот систем, околу 22 000 лица кои немале закажано, ја примиле вакцината.
Според него, од почетокот на масовната вакцинација, на крајот на декември 2020 година, вкупно 1.578.800 граѓани на Србија досега ја примиле првата доза, а 1.130.000 биле целосно вакцинирани со првата и втората доза.
„Мора да продолжиме со сегашното темпо за да излеземе од оваа тешка состојба“, рече Џерлек, оценувајќи дека во Србија „полека се буди свеста на луѓето кои разбираат дека без вакцинација е невозможно да се излезе од пандемијата“.
Во обид да се забрза кампањата за имунизација што забавува, и покрај милиони дози на купени вакцини и воспоставениот електронски систем за регистрација и контрола на известување, Србија од вчера овозможи вакцинирање без претходна регистрација преку државниот е-систем.
Но, епидемиолошките податоци и вчера и денеска покажуваат дека бројките не опаѓаат како што се очекувало со неодамнешното воведување на не толку строгото затворање.
Во последните 24 часа 41 лице починало од ефектите на ковид во Србија, 42 починале вчера, а од 16.055 тестирани примероци, потврдени се нови 3.625 нови инфекции, додека вчера имало 3.615.
Денеска имало 7929 лица на болничко лекување, 265 на респиратори и 7938 на апарати за дишење.
Од почетокот на епидемијата, потврдени се вкупно 633.013 случаи, починале 5.620 пациенти со стапка на смртност од 0,89 проценти, а официјално е објавено тестирање на 3.547.832 примероци.
Српските здравствени власти се убедени дека, доколку сегашното темпо на вакцинација продолжи, Србија може да постигне „одличен резултат што ќе овозможи мирно лето“ до крајот на јуни.