петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Србите ќе се вратат во косовските институции самo со почитување на Бриселскиот договор, тврди српскиот министер за одбрана

Србите ќе се вратат во косовските институции самo со почитување на Бриселскиот договор, тврди српскиот министер за одбрана

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека Србите ќе се вратат во институциите на северот на Косово кога Приштина ќе почне да ги исполнува своите обврски и кога ќе почне да го почитува Бриселскиот договор, јави дописникот на МИА од Белград.

-Србите ќе се вратат во институциите, ова не е трајно напуштање на институциите, ова е суспензија до спроведување на Бриселскиот договор и исполнување на обврските од страна на Приштина. Српската страна исполни се, а албанската не, нагласи Вучевиќ за ТВ Пинк.

Тој оцени дека одлуката на Србите од северно Косово да ги напуштат полицијата, судството и администрацијата, собранието и владата е моментална и ќе трае до спроведувањето на Бриселскиот договор и исполнувањето на обврските од Приштина.

Вучевиќ посочи дека ситуацијата на Косово е мирна, но големата тензија, предвидена со едностраните одлуки на Приштина, е загрижувачка и може да доведе до натамошна ескалација и нарушување на се што требаше да се уреди преку форматот на дијалогот.

-Ситуацијата стана крајно деликатна по разрешувањето на Ненад Ѓуриќ, кој беше регионален полициски командант на северниот регион, и одлуката на Србите да ги напуштат сите институции на територијата на покраината, нагласи Вучевиќ.

Тој смета дека Србите реагирале демократски и достоинствено, но дека тој чин бил изнуден од одлуките на Приштина и дека луѓето на Косово се загрижени и одговорни.

-Ова не беше демонстрација на моќ на Србите, тоа беше принуден потег… Луѓето се загрижени, а од друга страна одговорни, народот на Косово е заглавен во ќош, а ова трае веќе 23 години, рече Вучевиќ.

Коментирајќи ги повиците за „воздржаност“ од двете страни, Вучевиќ рече дека Белград е воздржан 10 години од кога е потпишан Бриселскиот договор и дека албанската страна не ги спроведува основните обврски од тој договор.

-Европската унија прво треба да одговори дали Курти го поништи Бриселскиот договор, дали е можно Курти да е посилен од она што го гарантираше ЕУ, дали на овој начин ќе делегираме правни акти и договори, бидејќи тогаш се е беспредметно, и одиме во целосен ќорсокак, посочи Вучевиќ.

Во однос на пререгистрацијата на возилата со српски регистарски таблички, тој ја посочи состојбата на парадокс и смета дека српската страна е ставена во „невозможна“ ситуација.

-Албанската страна ги укина статусно неутралните таблички и ја доведе српската заедница во невозможна ситуација, тие не можат да ги изберат табличките, немаат опција да имаат статусно неутрални таблички и се ставени пред свршен чин – или ќе имате табличките што ви ги наметнуваме или ќе ве уапсиме, ќе ве казниме, ќе ви ја земеме колата. Српските полицајци нема да го прават тоа, тие ги казнуваат сопствените граѓани, рече Вучевиќ и додаде дека Србија мора да им помогне на луѓето кои останале без работа со напуштање на институциите.

Во однос на развојот на безбедносната ситуација, тој смета дека КФОР и ЕУЛЕКС мора да го компензираат недостатокот на Срби во институциите.

-КФОР мора да го замени и компензира заминувањето или суспензијата на српските полицајци на северот на Косово, би било катастрофално Курти да ја испрати својата

полиција на Косово. Не мислам дека КФОР ќе стане полиција, но многу е важно да се спроведат суштински безбедносни прашања за сите Срби на Косово, забележа Вучевиќ. (МИА)