Секој што е вакциниран може да патува во Грција со сертификат за имунизација без никакви проблеми, но оние што не ја примиле ковид-вакцината ќе треба да приложат негативен ПЦР тест, зошто иако имаше најави дека границата ќе може да се премине и со тест на антитела, засега тоа не е возможно, објави директорот на Националната асоцијација на туристички агенции во Србија Александар Сеничиќ.
Во изјава за „Данас“ тој додава дека иако имало преговори со грчките официјални лица за да се земе предвид и ваквиот тест, кој е поевтин, засега „Евзони“ не се поминува со него.
-Очекуваме Грција да има нови услови на почетокот на јуни, а од 1 или 15 јуни очекуваме дека ќе биде признаен зелениот сертификат, кој ќе ги содржи сите податоци за тоа дали сте биле вакцинирани или сте ја прележале болеста, и какви се резултатите од тестовите кои сте ги направиле, вели Сеничиќ.
Имајќи предвид дека ПЦР тестот во Србија е поскап од кај нас, многу српски граѓани тргнуваат ден порано за на море и го прават тестот во Македонија, но оваа можност ќе биде укината откако ќе стапи на сила зелениот сертификат, бидејќи, како што предупредува Сеничиќ, тој ќе се издава исклучиво од земјата во која живеете. ПЦР-тестот кој би го правеле откако ќе ја напуштите земјата, нема да биде внесен во сертификатот, со што практично би бил неважечки.