сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Стефановиќ: Може да се протестира, не може да се упаѓа по телевизии

Стефановиќ: Може да се протестира, не може да се упаѓа по телевизии

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во пресрет на утрешните саботни протести „Еден од пет милиони“, денеска изјави дека секој има право мирно да протестира во Белград и низ цела Србија, но дека полицијата никому нема да дозволи блокади на автопатите или нови упади во телевизиите.

– Никому нема да му биде забрането да се собира или да шета низ улиците. Но, нема да биде дозволена блокада на автопатите. Може да се обидат, но им советувам да не го прават тоа. Тоа никаде во светот, не е дозволено, изјави Стефановиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека полицијата ќе има „адекватен број“ на луѓе, за да ги спроведе потребните безбедносни мерки.

– Ќе имаме повеќе луѓе околу Радио-телевизија Србија (РТС), бидејќи луѓето таму се загрижени. Ќе имаме доволно луѓе за да заштитиме кого било од каков било вид насилство. Но, ги молам, немојте да се впуштате во насилство, бидејќи нема потреба од тоа. Протестирајте мирно и кажете што имате, само не кршете ништо и не се заканувајте никому, нагласи Стефановиќ.

Тој негираше дека полицијата лошо се однесувала кон приведените по минатонеделните протести во Белград и покажа снимка од притворот на која се гледа каде еден од уапсените, Урош Савиќ, јаде сендвич и пие кафе.

Фотографијата беше објавена откако Савиќ за весникот „Данас” изјави дека два дена за време на притворот не му давале вода и храна и дека полицајците го тепале во зградата на РТС.

Стефановиќ ги повика полицајците да реагираат и секому кој ќе ги нападне „веднаш да им стават лисици на рацете и да ги однесат пред обвинител“.

Пред зградата на РТС, денеска прес-конференција одржаа студентите кои беа уапсени во неделата поради учество во протестите „Еден на пет милиони“, кои порачаа дека мирните протести треба да продолжат и го најавија своето учество во перформансот „Слободен дневник на Србија“.

Студентот на Правниот факултет Стефан Новаковиќ и студентот на Факултетот за политички науки Стефан Симиќ на новинарите им порачаа дека полицијата била коректна, но додадоа дека медиумите блиски до „режимот на претседателот на Србија“, Александар Вучиќ го претставиле шефот на државата како голем ослободител на младите луѓе, што според нив, не е вистина, бидејќи „нив ги ослободила само вистина“.

Во текот на минатиот викенд поради учество во антивладините протести беа уапсени 18 лица. Според официјалните податоци на српската полиција, осуммина од нив беа уапсени поради сторени кривични дела.