Бугарскиот технички министер за одбрана, Димитар Стојанов, за Бугарското национално радио (БНР) од Брисел јави дека Холандија изразила подготвеност да ги обучи бугарските пилоти за управување со авионите „Ф-16“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стојанов имал средба со холандскиот министер за одбрана и тоа што во моментов било изразено како подготвеност од холандска страна е да се помогне во обука на бугарски пилоти за авионите „Ф-16“.
Бугарскиот министер изрази скепса дека по 2023 година бугарските авиони „МиГ-29“ ќе може да се одржуваат во оперативна готовност.
По состанокот на Советот на ЕУ во Брисел, министерот Стојанов најави и дека Бугарија ќе обучи 60 Украинци за воени медицински лица. Тој прецизираше дека Бугарија ќе учествува и со персонал и со опрема за обука на украинскиот воен персонал во рамките на мисијата за воена помош на ЕУ за Украина, при што ќе бидат обучени вкупно 15 илјади украински воени лица.
Техничкиот министер за одбрана додаде дека се уште се договара каква опрема ќе обезбедат властите во Софија. (МИА)