И компаниите од Северна Македонија и Албанија од иницијативата Отворен Балкан, покрај фирмите од Србија, ќе можат да го користат просторот на Српскиот бизнис хаб за да се претстават на најголемиот саем „Експо 2020“ во Дубаи, јави допсиникот на МИА од Белград.
Претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, ги повика сите компании од Северна Македонија и Албанија да ја контактираат ПКС, да ја искористат оваа можност и да се претстават пред светот, соопштија од ПКС.
-Во текот на следните шест месеци, ќе можете да го користите деловниот центар на Стопанската комора на Србија како свој! Ќе имате можност на Експо да запознаете одлични луѓе, фантастични компании и да договорите нови работни места. Само заедно можеме да го зајакнеме регионот, изјави Чадеж, кој му се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ за иницијативата да се претстави Отворен Балкан на Експо во Дубаи, се наведува во соопштението
Српскиот деловен центар беше отворен минатиот викенд и неговиот простор и инфраструктура веќе ги користат првите компании од Србија што се претставија на Експо 2020 Дубаи. Во наредните месеци на овој простор ќе се организираат презентации на компании, како и деловни состаноци со потенцијални партнери.
Експо 2020 Дубаи е најголемата изложба во светот и ќе трае до крајот на март 2022 година. Се очекува на оваа изложба повеќе од 1.000 компании од Србија да ги претстават своите производи и услуги.