Вкупно 300 пратеници кои на изборите во Грција на 25 јуни добија доверба од граѓаните и обезбедија пратеничко место во Парламентот, денеска ќе положат свечена заклетва, јави дописничката на МИА од Атина.
Се очекува утре да биде избран претседател на Парламентит, а во текот на викендот да се гласа доверба на Владата.
Во Парламентот влегуваат осум партии кои го преминаа неопходниот изборен праг од три отсто, а победникот Нова демократија има 158 пратеници и потребното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеничко место.
СИРИЗА обезбеди 48 пратеници, ПАСОК доби 32 пратенички места, Комунистичка партија 20, Спартанци и Грчко решение по 12 пратеници, Победа десет, а Курс на слободата осум пратеници.
Првпат во Парламентот влегуваат три нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА, Зои Константопулу, десничарска Победа од Солун и радикално десничарската Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис.
Претходниот парламентарен состав од изборите во 2019 година го сочинуваа шест партии, од кои сега, само МЕРА25 на поранешниот министер од Владата на СИРИЗА Јанис Варуфакис, не успеа повторно да обезбеди пратенички места.
Грција веќе доби Влада, по втор пар предводена од лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис.
Министрите во вторникот положија свечена заклетва, ги презедоа функциите, а во средата беше одржана и првата владина седница.
На крајот на неделава, веројатно од четврток до сабота ќе се одржи тридневната расправа во Парламентот за гласање доверба на Владата.