Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави снимки од групата која во неделата ја нападна косовската полиција во селото Бањска во северно Косово. Тој вели дека меѓу напаѓачите е и потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Милан Радојичиќ, кој е на црната листа на САД и Велика Британија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља рече дека Радојичиќ бил „водач на терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку“.
Снимките што ги објави косовскиот прв полицаец на својата страница на Фејсбук се од внатрешноста на православниот манастир во Бањска.
-Ова на сликите подолу е Милан Радојичиќ, потпретседател на СЛ, исто така дел од Црната листа на САД и Обединетото Кралство. Веле-криминалецот Радојичиќ беше водач на оваа терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Ова е уште еден доказ за неговата терористичка активност против Република Косово. Потпретседателот на Српска листа е водач на терористичкиот напад и групата терористи, напиша Свечља.
Според него, сé повеќе станува јасно дека неделниот напад го организирал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, преку СЛ, а егзекутор е потпретседателот на таа партија, Радојичиќ.
– Секојдневно се разјаснува мапата на терористичкиот напад: Александар Вучиќ преку Српската листа, а тие преку нивниот потпретседател Радојичиќ, ја презедоа терористичката акција против правниот и уставниот поредок на Република Косово, обидувајќи се да ја дестабилизираат нашата Република. Значи, ЛС своето учество во Косово го гледа само на терористички начин. Не успеаја. Во меѓувреме, деновите на жалост кои денеска ги прогласија Србија и Српска листа се веќе печат на авторството на оваа организација, порача Свечља.
Приштинските медиуми го пренесуваат пишувањето на босанскиот медиум „Истрага“, кој синоќа објави дека меѓу ранетите напаѓачи во северно Косово е и Радојичиќ. Според порталот, тој се лекува во Белград.
„Истрага“ пренесува дека во неколку наврати се обидел да стапи во контакт со Радојичиќ, но првично непознато лице кое се јавило на неговиот телефон кажало дека „не е Радојичиќ“, додека подоцна истото лице тврдело дека Радојичиќ е добро.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Свечља вчера потврди дека во едно од возилата запленети во Бањска, кои ги користеле напаѓачите, се пронајдени и документи на Радојичиќ, кои како што рече, ја докажуваат директната вмешаност на потпретседателот на СЛ во терористичкиот напад врз косовската полиција.
Во овие материјали најдовме и документи на криминалецот кој исто така е на црната листа на САД, Милан Радојичиќ. Овие документи ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција, изјави Свечља пред медиумите при презентирањето на оружјето што вчера беше запленето на косовскиот север.