Потрагата по Матеј Периш (28) од Сплит кој пред повеќе од три месеци исчезна во Белград, и натаму трае.
Неговиот татко открил дека по враќањето во Сплит разговарал со неговите пријатели.
„Се видов со другарите на мојот син. Разговаравме за сè, но никој од нив не знае зошто и каде Матеј исчезна. Можам само да ви кажам дека се потресени и сега, исто како и пред 90 дена. Мозаикот сè уште не сум го составил, ниту пак знам каде е мојот син. Верувам дека е добро и го чекам“, вели Периш кој силата ја наоѓа во верата.
Ненад Периш пред неколку денови по речиси три месеци го напуштил Белград. Се вратил во Сплит каде што му е семејството.
„Моето срце е во Белград каде што исчезна син ми. Во постојан контакт сум со белградската полиција. Засега нема нови информации. Потрагата продолжува, а јас и натаму чекам да го видам Матеј“, вели Ненад.
По 90 дена тој е благодарен на сите луѓе кои се вклучени во потрагата по неговиот син.
Матеј Периш исчезна ноќта меѓу 30-ти и 31-ви декември минатата година кога го напуштил белградскиот клуб „Готик“. Пред да излезе надвор тој му платил на келнерот шише со виски.