Полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС го приведе претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК Хисни Гуцати и се очекува да го спроведе во Хаг пред меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, каде што е подигнато обвинение против него, јави дописникот на МИА од Приштина.
Гуцати е забележан како се изнесува со лисици на рацете од просториите на ОВВ-ОВК околу 13.30 часот.
Апсењето е извршено во рамките на денешната акција на ЕУЛЕКС во седиштето на ОВВ-ОВК, која започна околу 11.30 часот.
Засега нема официјална информација за причините за неговото приведување.
Веста за апсењето на Гуцати и неговото пренесување во Хаг преку објава на Фејсбук ја потврди секретарот на ОВВ-ОВК Фатон Клинаку.
Клинаку, по денешниот упад на полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС во просториите на организацијата, изјави дека ЕУЛЕКС при упадот не покажал никаков документ кој му дава за право да врши претрес.
Тој ги нарече припадниците на ЕУЛЕКС „криминалци“ и порача дека, доколку бидат принудени, припадниците на некогашната ОВК ќе се борат против меѓународната организација, како што се бореле и против Југославија.
Во изминатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица донесоа бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против лицата осомничени за воени злосторства и со имињата и сведоштвата на лица испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот чие седиште е во Хаг. (МИА)