Оперативците на Службата за борба против тероризмот денеска во Белград го уапсија И.Деспотовиќ, вахабистички Србин кој подготвувал крвав терористички напад во строгиот центар на главниот град.
Деспотовиќ, кој пред неколку години го прифатил исламот и бил во постојан контакт со лидерите на ИСИС, бил уапсен додека се подготвувал да киднапира камион, и со него да вози низ улицата Кнез Михаилова и да прегази што повеќе луѓе, пишуваат српските медиуми.
Станува збор за државјанин на Србија, наводно вехабист, кој бил во контакт со Исламската држава. Нему му е одредена мерка притвор од 48 часа.
Тој е уапсен во заедничка акција на Службата за борба против тероризам, МВР и Обвинителството за организиран криминал, додаваат медиумите.
Ова не е првпат И.Д. да биде уапсен. Првично е уапсен уште во 2017 година во Белград, кога се подготвувал со камион да гази луѓе во центарот на градот. Тогаш кај него биле најдени планови за напад како тој во Барселона, кога во август 2017 година беа убиени 13 лица, а десетици беа повредени.