петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Вархеји: Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ

Вархеји: Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави дека во актуелниот геополитички контекст, Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ во надворешната политика, вклучително и декларации и санкции, во согласност со рамката за преговори и оти, дополнително, потребен е напредок во дијалогот на Белград и Приштина.

Во интервју за Дневниот европски сервис, нов сервис на агенцијата Бета, Вархеји посочи дека Брисел очекува формирање нова српска влада по изборите со цел да се продолжат клучните реформи.

– Важно е да се каже дека напредокот на Србија во владеењето на правото е клучен и ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори, тврди еврокомесарот.

Според него, нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина преку дијалог со посредство на ЕУ е од клучно значење за нивната иднина и мирот и стабилноста на целиот регион, особено во актуелната геополитичка ситуација. Тој истакна дека во моментов постои можност за вистински напредок.

На прашањето колку патот на Србија кон ЕУ е попречен од лошото усогласување со Унијата во надворешната политика, особено со санкциите против Русија, Вархеји одговори дека Србија е во „многу специфична ситуација“ и оти Брисел ја разбира сложеноста на прашањето.

– Сепак, сегашната геополитичка ситуација бара поконкретни одговори од нашите партнери, подвлече еврокомесарот.

Тој додаде дека Србија направила стратешки избор кога барала членство во ЕУ и оти таквата одлука подразбира усогласување со надворешната политика на Унијата.