Таткото на Новак Ѓоковиќ, Срѓан, денеска пред српското собрание обраќајќи им се на неколкуте стотини демонстранти кои протестираа против одбивањето на австралиските власти да му издадат виза со која ќе може да учествува на тамошниот тениски турнир одржа несекојдневен говор, полн со политички коментари па дури и со споредби на неговиот син со Исус Христос.
Во придружба на помалиот брат на Новак и на својата сопруга, Срѓан Ѓоковиќ упати грст навреди кон властите во Австралија обвинувајќи ги дека сето тоа што му го прават на неговиот син е политичка игра и политичко угнетување.
„Луѓето кои живеат таму, има и многу наши од Балканот, тие не се виновни. Ним не смееме да им судиме. Ама тој премиерот, како ли се вика, Скот Морисон. Неговото име на нашиот јазик добро го опишува. Тој е скот. Сето ова е политичка игра, а Новак, нашето сонце, се бори за сите нас. Ние Србите сме слободољубив народ. Дел сме од слободарските народ во светот. Чукна часот кога треба да престанеме да бидеме угнетувани. Не можеме веќе да бидеме нечии заложници. Тие сакаат да го турнат Ноле на колена. Е, нема да може. Ниту него, ниту Србија никогаш не успее да ја фрлат на колена. Сами сме се бранеле. И Новак сега се брани. Нашиот Новак, нашето срце и душа. Тие до понеделник ќе го држат во најдобриот спортист на светот во затвор. Целиот Балкан, Блискиот Исток, Далечниот Исток, нашата мајка Србија, нашата мајка Русија, Кина, Индија, цела Африка. Сите се зад Ноле. И секој ден ќе не има се повеќе“, истакна Ѓоковиќ во обраќањето пред присутните.
Иако во својот говор подвлече дека организираниот собир не е политички, тој во токму таков стил продолжи со своето обраќање.
„Ова е наше собрание, наша земја, наша Србија. Народно собрание, ние сме народот. Не повикувам на насилство, туку на поддршка за нашиот Ноле. Ние го правиме тоа што сме го правеле низ целата наша историја. Се бориме за себе. Пред сто и нешто години бевме шест и пол милиони. И денеска сме толку. Зошто? Затоа што не убиваа, не бомбардираа, не сакнционираа, не протеруваа од нашата земја, од оваа најубава земја на светот. Ама, не ни можат ништо. Нема да потклекнеме. Новак е нашето провидение. Тој стои на браникот на одбраната на слободољубивите народи од сиот свет. Запалете свеќа во црквите за Новак, за Србија, за сиот слободољубив народ и сите заедно да го издржиме ова одвратно однесување на политичарите. Новак не го даваме и треба да му дадеме поддршка на нашиот Ноле, нашиот Христос“. потенцира неговиот татко пред насобраните демонстранти.
Тој најави дека секој ден во исто време пред српското собрание ќе се одржуваат мирни протести во знак на поддршка на Новак Ѓоковиќ.
ФОТО: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC