Директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА) Александар Вулин е фотографиран во Ерусалим, три дена по вооружениот инцидент на Косово во кој загинаа косовски полицаец и тројца Срби кои ја нападнаа полицијата, објави порталот Нова.рс.
Фотографиите до кои дојде порталот Nova.rs откриваат дека првиот човек на БИА бил во црквата на Светиот гроб, придружуван од обезбедувањето, каде што дошол да се поклони.
Како што изјавиле соговорниците на Нова.рс, Вулин дошол во црквата придружуван од обезбедувањето.
„Ги запреа сите аџии за да може да влезе преку линијата. Тој беше таму 20-тина минути и си замина“, вели соговорникот на Нова.рс.
Александар Вулин ретко се појавува во јавноста откако е на чело на Безбедносно-информативната агенција.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељал Свечља, објави дека еден од тројцата вооружени српски напаѓачи, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кај Звечан, е телохранител на шефот на Агенцијата за разузнавање во Србија (БИА), Александар Вулин.
На неговата страница на Фејсбук, Свечља објави слика од убиениот Бојан Мијаиловиќ, за кого тврди дека како телохранител го придружувал Вулин за време на неговата посета на Косово во 2013 година, како тогашен министер за внатрешни работи.