Како што изјави денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, од почетокот на оваа година се поднесени обвиненија против 165 лица за експлоатација на малолетници за порнографски цели на Интернет.
– Од 2010 година се спроведува акцијата Армагедон, чија цел е сузбивање на употребата на малолетници за порнографски цели на Интернет. Од почетокот на оваа година, поднесени се 101 обвиненија против 165 лица, за сторени 188 кривични дела, а 57 лица се лишени од слобода. Во 2017 година беше формиран Националниот контакт центар за безбедност на децата на Интернет, а во 2021 година беа примени 35 извештаи за итна акција – рече Брнабиќ.
– Никогаш не смееме да ја свртиме главата кога гледаме или чувствуваме злоупотреба на деца. Целото општество мора да работи заедно. Министерството за внатрешни работи одржа уште една средба со комесарот со цел побрзо усогласување на процедурите – додаде премиерката.
– Кога станува збор за дигиталното насилство, целиот свет се соочува со тоа и особено сакавме да се посветиме на заштита на децата на Интернет, на социјалните мрежи, каде што тие сега се на помлада возраст. Затоа, по моја иницијатива, предметот Дигитален свет беше воведен од прво одделение во основно училиште. Преку овој предмет, децата учат како безбедно да користат дигитални уреди, зошто не треба да оставаат лични податоци, како да реагираат на несоодветна содржина – рече Брнабиќ.