-Како и да ја свртите работата , нема за тоа никаква причина. Причината е да дојдат на власт, без избори и без волјата на народот и мислам дека на секој човек тоа му е потполно јасно, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ова е обид на опозицијата да дојде на власт. Вака Вучиќ ги оцени протестите во Србија, кои продолжија сношти, трета вечер по ред. Тој ја даде изјавата од Париз, каде беше пречекан со протести, а денеска ќе се сретне со официјални претставници од Косово, во присуство на францускиот претседател Макрон и германската канцеларка, Меркел. Претседателот на Србија кој се предомисли и не воведе полициски час, од вечерва до понеделник, потенцира дека протестите немаат врска со корона кризата, туку со желбата опозицијата да се врати на власт.
Синоќешните протести во српската престолнина и во повеќе градови во внатрешноста поминаа релативно мирно, во споредба со првите две вечери, кога ескалираа со насилство. Беа организирани под слоганот „ Седи, не наседнувај“, а граѓаните седеа пред Народното собрание во Белград и по плоштадите, дистанцирајќи се од насилството.
Иако започнаа од незадоволството кон власта за справувањето со здравствената криза и преполнетите болници, протестите , според некои српски медиуми, го одразуваа ставот на граѓаните против власта на Александар Вучиќ и потребата од промени. Неизвесно е дали и како протестите ќе продолжат вечерва, со оглед на официјалната забрана за јавни собири, која стапи денеска на сила.
Од почетокот на епидемијата , во Србија од Ковид- 19 се заболени над 17 илјади граѓани, а до вчера починаа 352. Нови 10 починати сношти, се регистрирани во Нови Пазар, кој важи за жариште на епидемијата, на југот од земјата.