Задолжителна вакцинација за вработените во домовите за нега на стари лица и за здравствените работници, можност, припадниците на армијата да се вакцинираат во нивните единици и влез само за вакцинирани во местата за забава на затворено, се четирите одлуки на грчката Влада што преку видео порака до граѓаните ги соопшти премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека овие мерки ќе го ограничат ширењето на вирусот „пред повторно здравствениот систем да биде под опасада“.
За вработените во домовите за нега на стари лица, вакцинацијата веднаш станува задолжителна, а оние кои нема да се вакцинираат по 16 август ќе бидат на принуден одмор.
За втората категорија, здравствените работници, како во државниот така и во приватниот сектор, задолжителната вакцинација ќе важи од 1 септември, а Мицотакис истакна дека „е незамисливо, на пример, невакцинирана медицинска сестра да се грижи за пациент со карцином“.
Паралелно изрази увереност дека со оваа одлука се согласува голем дел од општеството, но и ги повика партиите да дадат поддршка.
Третата одлука се однесува на вооружените сили, односно на редовните војници кои ќе имаат можност да се вакцинираат во нивните единици.
Иако се споменуваше дека внатрешните делови на угостителските објекти ќе бидат „мешани“ или „чисти“ по избор на сопствениците, сепак Мицотакис соопшти дека кафулињата, рестораните, баровите, кината, театрите и слично од петок до крајот на август, на затворено, ќе работат, исклучиво за вакцинирани лица и со зголемен, но одреден број на гости.
Тој додаде дека ова значи дека во текот на летото забавувањето, без разлика дали е на отворено или во затворен простор, ќе се однесува само на гости кои седат на маса, а стоењето ќе биде забрането, за да се спречи ширење на вирусот.
Грчкиот премиер истакна дека станува збор за четири опции кои се во корист на здравјето на вработените, а истовремено се и одлуки што им даваат слободи на оние кои имаат право на тоа.
– Земјата нема повторно да се затвори поради ставот на некои. Ќе им даде слобода на многу и заштита на сите. Бидејќи во опасност не е Грција, туку невакцинираните Грци, порача Мицотакис.
Во десетминутната видео-порака до граѓаните, грчкиот премиер посочи дека „операцијата Слобода“ односно процесот на имунизација се шири низ целата држава и „се доближува до целта, во текот на летото да е вакцинирано 70 отсто од полнолетното население“, но сепак, истакна дека појава на Делта сојот и процентот граѓани кои сè уште се двоумат за вакцинирањето го спречуваат брзото и дефинитивно справување со пандемијата.