четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Заврши операцијата на полицијата во северно Косово

Заврши операцијата на полицијата во северно Косово

Акцијата на специјалните единици на косовската полиција РОСУ, што започна денеска во раните утрински часови во северно Косово, но и во неколку други делови на земјата, заврши нешто по 13 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Медиумите известуваат дека косовските специјалци веќе се целосно повлечени од областите на северот од земјата населени со мнозинско српско населени.

Информацијата ја потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека косовските специјални полициски единици РОСУ се повлекуваат од северно Косово и дека на територијата на северот некаде околу 13 часот, за време на повлекувањето, имало уште четири возила на специјалните единици. Тој, исто така, рече дека планот на Приштина бил да се приведат вкупно 26 лица на северно Косово, но дека вкупно таму се приведени 19 лица.

Косовската полиција, меѓутоа, соопшти дека во акцијата за борба против организираниот криминал, спроведена во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, се уапсени неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за шверц на стоки, злоупотреба на службена положба, давање поткуп, недозволена трговија и други кривични дела.

Според се уште официјално непотврдени информации, што ги објавија некои косовски медиуми, во денешната акција се уапсени 19 полициски службеници и деветмина цивили.

Вучиќ претходно изјави дека западните сили реагирале на акцијата на косовските полициски сили, оценувајќи дека имало „прекумерна употреба на сила“ и дека сето ова нема никаква врска со борбата против криминалот. Тој подоцна објасни дека Западот јавно не излегол со тој став, туку ја поддржал акцијата на Приштина, но дека нему му кажале дека „она што се случи во Зубин Поток е надминување на дозволената употреба на силата и дека е важно да се повлечат”.

– По се изгледа, ова е клучна работа поради која започна повлекувањето од северно Косово, додаде Вучиќ.

Командантот на Меѓународните сили на Косово (КФОР), италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адари ги повика косовските граѓани да останат мирни, порачувајќи им дека нема од што да се плашат.

Во врска со денешната полициска акција Д’Адари апелираше до „сите страни во Косово“ да ги решаваат споровите мирно и одговорно и без употреба на сила и насилство.

КФОР во соопштение нагласи дека косовската полиција спроведува полициска операција на целата територија на Косово врз основа на налози за апсење издадени од страна на Суд во Приштина во рамки на истрага поврзана со корупција.

– КФОР потврдува дека ова е само полициска операција и дека Косовските безбедносни сили или кои било други воени сили не се распоредени на северот на Косово, се наведува во соопштението на Меѓународните сили.

КФОР нагласува дека продолжува да ја следи состојбата и дека е подготвен да интервенира доколку биде потребно, со цел „да се гарантира безбедноста на сите заедници врз основа на неговиот мандат во согласност со Резолуцијата 1244 во Советот за безбедност на ОН“.

Во меѓувреме реагираше и Министерството за надворешни работи на Русија, кое акцијата на косовските специјални сили го нарече „уште една во низа провокации од Приштина“.

Порада акцијата по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ подигната е борбената готовност во Србија.

Во Белград е свикана и седница на Советот за национална безбедност, а Вучиќ ги предупреди претставниците на ЕУ дека Србија ќе реагира, доколку единиците на РОСУ не се повлечат од Северно Косово, а од сојузниците Русија и Кина очекува „секаква помош“.

– Досега се уапсени 23 лица. Имаме докази дека Абанците пукале на Срби. Во тек е претепување на нашиот народ во Зубин Поток, упаѓаат во куќите и кршат се. Нема да дозволиме нова Олуја. Војската ќе го штити народот на Косово, ако дојде до сериозно загрозување на нивните животи, изјави Вучиќ во обраќањето до јавноста по повод настаните во Косово.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај повика на смирување на состојбата, наведувајќи дека акцијата е во насока на борбата против шверцот и организираниот криминал.

Од друга страна, директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, утринава изјави дека „акцијата на косовската полиција е осмислена за заплашување и протерување на Србите од Косово и преставува најдиректна закана за стабилноста и мирот.“

По акцијата на полицијата, во болницата во јужниот дел на Митровица, беа хоспитализирани четворица припадници на косовската полиција и двајца цивили. Според болнички извори, еден од полицајците е ранет од огнено оружје, додека другите тројца се повредени од други предмети.

Двајцата цивили, едниот косовски Србин, а другиот руски државјанин, исто така не се повредени од огнено оружје, туку од други предмети, за време на протестот против полициската акција. Сите повредени се во стабилна здравствена состојба, информираат од митровичката болница.

Во меѓу време, Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) побара ослободување на своите двајца службеници кои се уапсени во денешната акција на косовската полиција во северно Косово.

Извори од УНМИК за телевизијата КТВ информираат дека уапсените меѓународни службеници се Русинот Михаил Красночеков и Србинот Дејан Димовиќ. Медиумот ја пренесе и информацијата дека Руската амбасада во Белград побарала итно ослободување на нејзиниот државјанин и одговорност од лицата кои го извршиле, како што вели, „флагрантниот инцидент“.

УНМИК во соопштение до медиумите вели дека со вознемиреност ги следи последните настани во северно Косово.

– УНМИК го следи со голема вознемиреност развојот на настаните на север од Митровица денеска, вклучително и приведувањето во текот на полициската акција на две лица кои се вработени на ОН. Двајцата припадници на УНМИК се префрлени во болница за третирање на раните. Ние ги разгледуваме прецизно околностите во целосна координација со сите меѓународни организации на терен, се вели во соопштението.

Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Косово, Захир Танин повика двајцата приведени службеници веднаш да бидат ослободени и нагласи дека „секое повредување на припадници на УНМИК ќе добие висок законски, дипломатски и меѓународен одговор“.

– Ги повикувам сите страни да се раководат од владеењето на законот и достоинството за живот и слобода и да помогнат во враќање на мирот и безбедноста во овој дел, порача Танин преку соопштението на УНМИК.

Итно ослободување на Русинот уапсен во денешната полициска акција во северно Косово побара и рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин.

Претседателот на Косово Хашим Тачи, по состанокот со челниците на безбедносните структури, изјави дека има информација оти меѓу уапсените е и еден руски државјанин, кој се претставувал како дипломат и се обидувал да ја спречи полицијата во вршењето на својата работа.

Тачи во изјава за новинарите нагласи дека полициската операција е исклучиво со цел спречување на организираниот криминал и дека не е насочена против ниту една етничка заедница.