Вон животна опасност е 16-годишниот бегалец од Сирија, кој вчера беше повреден на Лезбос, откако 78-годишен земјоделец со ловечка пушка пукаше кон него и го повреди во пределот на главата и нозете.
Инцидентот се случил во околината на прифатниот центар Морија на грчкиот остров Лезбос кога, според грчките медиуми, момчето заедно со родителите и неговиот брат излегле од т.н. хот-спот во страв дека може да има реприза на завчерашните инциденти и се нашле во близина на имотот на земјоделецот. Тогаш, жителот на островот Лезбос, пукал во Сириец, по што бил уапсен, а момчето е пренесено во болница.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчките медиуми семејството бегалци од Сирија, на Лезбос пристигнале само два дена пред инцидентот, додека пак државната телевизија ЕРТ објави дека земјоделецот, во минатото има убиено две лица и има одлежано затворска казна.
– Според потврдени информации, пред 43 години, со ловечка пушка го уби неговиот пријател, за неважна причина и одлежа осум години затвор. Три години по ослободувањето, ја уби неговата жена со нож, пред очите на нивното малолетно дете, а судот пресуди, убиство со умисла. Беше осуден на уште осум години затвор, објави државната телевизија ЕРТ.
Адвокатот на земјоделецот, за ЕРТ изјави дека инцидентот се случил кога три лица влегле во дворот на уапсениот, а тој пукал за да ги заплаши.
МИА