петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Абас во разговор со Блинекн го отфрли присилното раселување на Палестинците во Газа

Абас во разговор со Блинекн го отфрли присилното раселување на Палестинците во Газа

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска во разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека „го отфрла принудното раселување“ на Палестинците во Газа, јави палестинската новинска агенција ВАФА.

Двајцата се состанаа во јорданската престолнина и притоа Абас кажа дека присилното раселување на Палестинците во Газа ќе претставува „втора Накба“, мислејќи на масовното раселување на Палестинците во 1948 година за време на војната што следеше по создавањето на Израел.

Накба или „катастрофа“ се однесува на раселувањето на околу 760.000 Палестинци, кои побегнале или биле протерани од своите домови за време на војната во 1948 година што се совпадна со создавањето на Израел.

Абас нагласи дека хуманитарните коридори во блокираната крајбрежна енклава мора веднаш да се отворат за да се спречи хуманитарна катастрофа, пренесоа британските медиуми.

Израел најави дека сака да ги намали цивилните жртви на минимум и затоа нареди евакуација на Палестинците од северниот кон јужниот дел на Појасот Газа. Израелската армија повика целото население на северот на Газа да биде евакуирано на југ од областа во рок од 24 часа.

Блинкен вчера беше во посета на Израел во знак на поддршка од каде јасно порача дека се додека постојат САД Израел никогаш нема да мора да се брани.

Како што е најавено, Блинкен денеска ќе отпатува и за Доха на средби со катарските претставници, кои имаат блиски контакти со раководството на Хамас и кои се обидуваат да разменат палестински затвореници во Израел за ослободување на десетици Израелци и странци кои Хамас ги зеде како заложници. Блинкен потоа ќе застане накратко во Бахреин и ќе го заврши денот со посета на Саудиска Арабија.

Како што е најавено, Блинкен за време на викендот ќе отпатува и во Обединетите Арапски Емирати и Египет. (МИА)