Група американски борбени авиони пресретнале шест руски бомбардери во близина на Алјаска, каде што во тек се американски воени вежби за обука, соопшти во неделата Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД).
НОРАД соопшти дека во четвртокот откриле, следеле, позитивно идентификувале и пресретнале шест руски авиони кои оперирале во и во близина на зоната за идентификација на воздушната одбрана (АДИЗ) на Алјаска.
Меѓу руските авиони имало бомбардери Ту-95, танкери ИЛ-78 и борбени авиони Су-35, пренесуваат медиумите.
Заедничката американско-канадска одбранбена команда додаде дека руските летови се случиле во време кога на Алјаска се одвиваат неколку планирани големи воени вежби на САД.
Тимот за пресретнување на НОРАД вклучувал ловци F-16, F-22, KC-135 „стратотанкер“ и E-3 „авакс“ авиони.
— North American Aerospace Defense Command (@NORADCommand) May 13, 2023
Од НОРАД соопштија дека руските авиони останал во меѓународниот воздушен простор и не навлегле во американскиот или канадскиот суверен воздушен простор.
Во нивното соопштение се додава дека руската активност во северноамериканската АДИЗ се случува редовно и на неа не се гледа како на закана.
Според проценките на НОРАД секоја година во АДИЗ се случуваат просечно по шест до седум упади на руски авиони.
Инцидентот се случува во време кога тензиите меѓу Вашингтон и Москва остануваат високи откако американското воено надгледувачко беспилотно летало (MQ-9 Reaper) падна во Црното Море на 14 март по средба со руските борбени авиони Су-27 во меѓународниот воздушен простор во близина на територијата за која Русија тврди дека ја анектирала од Украина.