Рејтингот на американскиот претседател Џо Бајден дополнително се намали оваа недела и е блиску до најниското ниво во неговиот мандат, покажува истражувањето на Ројтерс и на Ипсос.
Дводневната национална анкета покажа дека 40 отсто од Американците ја одобруваат работата на Бајден, наспроти 41 отсто минатата недела.
Рејтингот на американскиот претседател падна на 36 отсто во мај и јуни, поттикнувајќи ги очекувањата дека неговата Демократска партија би можела да ја изгуби контролата врз Претставничкиот дом на САД во ноември, а можеби и врз Сенатот.
Бајден ја презеде функцијата во јануари 2021 година, среде пандемијата Ковид-19, со неговиот мандат нарушен од економските последици од глобалната здравствена криза, вклучително и високата инфлација. Последното истражување на Ројтерс и Ипсос, спроведено онлајн во САД, беше засновано на одговори од 1.003 возрасни, вклучувајќи 448 демократи и 383 републиканци.