Советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович денеска изјави дека за Русија и понатаму приоритет е преземање контрола врз Киев, но оти таквиот обид би бил „самоубиство“ за Москва.
Според него „активните напади“ помеѓу двете страни би можеле да завршат за две до три седмици.
Руските сили речиси четири недели, уште од почетокот на инвазијата, се обидуваат да го заземат главниот град на Украина.
Претходно, британското разузнавање соопшти дека руските сили „издржале уште еден ден на ограничен напредок, при што повеќето сили во голема мера се во застој“.
Според официјален Киев, Москва претрпела големи загуби во војната досега, наводно околу 15.000 руски војници загинале, а уништени се стотици тенкови.
Во меѓувреме, советничката на украинската Влада Љубов Цибулска изјави дека за евентуален крај на војната Русија треба да ги повлече силите од Украина.
Знаеме дека има одреден круг на луѓе во руските власти кои разбираат дека оваа војна води кон руски колапс. Очекуваме тие да направат нешто. Постои шанса моќта на Путин да биде ограничена од неговиот народ, додаде Цибулска. (МИА)